Нема веќе трансфери во Македонија кој кога сака – само два пати во годината!

Новата сезона во машката Суперлига ќе започне на 12/13 септември, а од оваа сезона има неколку измени во пропозициите. Ќе играат вкупно 16 екипи, а 14 ќе стартуваат во регуларниот дел, додека Вардар и Еурофарм Пелистер ќе се приклучат во разигрувањето за титулата во март.

Најважната промена е тоа што во македонскиот ракомет ќе има два преодни рока! Досега беше можно да се ангажираат нови ракометари од 1 јули до 28 февруари следната година, а отсега ќе има летен и зимски преоден рок.

Летниот преоден рок започнува од 1 јули и ќе трае до 1 септември, додека зимскиот ќе биде од 1 јануари до 28 февруари.

По завршувањето на летниот преоден рок и зимскиот преоден рок клубовите немаат право на замена или пријавување на играчи, освен за интернационални трансфери или прва регистрација на нов играч во системот на натпреварувања до пополнување на финалната бројка од 35 играчи од списокот.

Досега екипите што играа во елитната конкуренција, имаа можност да пријават по 28 играчи на листата, а од сезоната 2020/21 на таа листа може да се најдат дури 35 ракометари.

Екипата што има пријавено помал број од 35 играчи, во текот на преодниот рок може
списокот да го надополни до 35 играчи. Екипата која веќе има пријавено листа со 35 играчи и во преодниот рок ангажира нов играч, има право на замена на играч од постојната листа.

Задолжителна обврска на сите суперлигаши останува да пријават младинска екипа, и по избор кадетска или пионерска, или пак двете.

Максималниот број на странски ракометари, како и лани, останува осум, но со дополнителни услови. Квота А – максимум три странски ракометари по произволен избор на клубовите и Квота Б – останатиот број до максимум осум странски ракометари задолжително да ги исполнуваат два критериуми.

Да бидат репрезентативци на земја која е рангирана меѓу ТОП 15 земји според последната официјална ЕХФ ранг листа за машки репрезентации и да имаат минимум десет настапи за сениорската репрезентација на својата земја во последните 5 години.

Клубовите имаат право, сите осум странски ракометари да ги ангажираат според спецификациите од Квота Б, но немаат прпаво да ангажираат повеќе од три
ракометари по избор од Квота А.

Ограничувањето за странските играчи се однесува единствено на националното првенство при систем на натпревари на РФМ, а за учество во европските клупски натпреварвања при ЕХФ и во СЕХА лигата нема ограничување, клубовите имаат право да регистрираат неограничен број на странски играчи.