„Немав ист третман како моите претходници – почувствував дека сум фрлен како искористено марамче“

Селекторот кој ја предводеше репрезентацијата на Франција во периодот од 2016 до 2020 година, Дидие Динар за прв пат се огласи во медиумите по неуспехот на Европското првенство 2020 и неговата смена од клупата на Франција.

Иако му беше кажано дека останува на селекторската позиција после првенството, сепак тој беше сменет две недели подоцна. Динар е зачуден од односот на федерацијата кон него и смета дека не заслужил ваков третман.

„Зачуден сум од ваквиот однос што го добив од федерацијата. Најпрво ми беше потврдено дека останувам селектор на Франција ден после елиминацијата од првенството, а потоа од мојот помошник дознавам дека не сум веќе селектор. Имам чувство како да сум фрлен како хартиено марамче после 23 години потрошени во служење на репрезентациајта како играч, помошник и селектор“, рече Динар.

Французинот ја предводеше својата репрезентација до златниот медал на домашното светско првенство во 2017 година, а беше прогласен за селектор на годината во 2016 и 2018 година. Сè изгледаше одлично до неуспехот на првенството во Австрија, Шведска и Норвешка.

„Имам чувство дека не добив ист третман како Даниел Константини и Клод Онеста. Даниел беше селектор шест години, од 1995 до 2001 година без да освои трофеј, додека на Онеста му требаа пет години за да го свои првиот трофеј. Јас го освоив првиот Мундијал на кој бев тренер, а последното Европско првенство беше единственото големо натпреварување на кое не обезбедив медал. Тешко ми е да ги разберам овие двојни критериуми на федерацијата“, заврши Динар.

Тој има договор со француската ракометна федерација до 1 септември и иако се надева на понатамошна соработка на други проекти во федерацијата засега нема понуда за продолжување на договорот.