Немаа пари за патување на натпреварите од ЛШ, ама добија ветување – догодина ќе биде подобро

Романскиот вицешампион, ЧСМ Букурешт и следната сезона ќе продолжи да опстојува на ракометната мапа. Оваа сезона беше најтешка за романскиот тим бидејќи клубот дојде во ситуација да нема финансиски средства за превоз на натпреварите од Лигата на шампионите.

Поголемиот дел од странските ракометарки во тимот веќе најавија и нивно заминување поради лошата финансиска криза која не се случува првпат. Има четири заостанати плати,  но добија ветување дека тековно ќе се исплаќаат.

Градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан беше присутен на тренингот на ракометарките  во спортската сала „Поливалента“ каде им беше соопштено дека клубот нема да се распушти, напротив тој ќе продолжи да функционира и да се финансира на исто ниво во текот на следната сезона од страна на градот.

Клубот е во преговори со две репрезентативки на Норвешка и ракометарки на Вајперс Кристијансанд, Емили Арнцен и Марин Ауне. Пред можен трансфер во ЧСМ Букурешт е поранешната ракометарка на Вардар, Дијана Илина.

Се шпекулира дека клубот ќе го напушти најплатената ракометарка на светот, Кристина Неагу. За услугите на Неагу се заинтересирани Будуќност, Ѓер и рускиот шампион, Ростов Дон.