Нексе со нов тренер в понеделник против Вардар во Скопје

Екипата на Нексе од Нашице е следниот противник на Вардар во СЕХА лигата, а в понеделник во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе гостува со нов тренер. Откако Хрвоје Хорват стана селектор на Хрватска, на негово место е поставен поранешниот тренер на Целје и ППД Загреб, Словенецот Бранко Тамше.

Тамше веќе го потпиша договорот кој ќе биде со траење од две и пол години, а од денеска го презема водењето на клубот така што в понеделник ќе допатува во Скопје.

Бранко Тамше во минатите години беше споменуван често и како кандидат за тренер на Вардар, но не дојде до соработка, па сега одново може да  игра против „црвено-црните“.

Тамше е поранешно десно крило, кој во играчката кариера го носеше дресот на Горење. Повреда на коленото го спречи да продолжи да игра и на 28 години ја заврши играчката кариера и се посвети на тренерската работа. Во 2009 година го презеде водењето на тимот на Горење откако претходно му беше помошник на Ивица Обрван. Со Горење освои три титули, а потоа пет години беше на клупата на Целје, тим со кој освои дури 14 трофеи од 15 можни.

Девет месеци мина и на клупата на ППД Загреб, а последниот ангажман го имаше во Катар во Ал Рајан.

Сега може да се врати на работата во земја каде добро ги познава приликите, па останува да се види како ќе функционираат работите во Нексе, а првиот тест ќе биде доста силен за него.