Некогашна ракометарка на Металург ќе ја забавува публиката на Ф4 во Будимпешта

Поранешната ракометарка на Металург, Кристина Лишчевиќ, заедно со доминиканскиот музичар Анри Мендез ќе ја забавуваат публиката на Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во женска конкуренција, кој традиционално се одржува во унгарската престолнина, Будимпешта.

Актуелната репрезентативка на Србија и ракометарка на романскиот суперлигаш, Валчеа, минатата година заплива во музичките води. Лишчевиќ на Ф4 турнирот во Будимпешта ќе ја изведе нејзината дебитантска песна „Ќе победам“, објавена во 2020 година, како и новиот сингл „Кој е најдобар“, кој за првпат во живо ќе биде изведен во Будимпешта, а ќе биде објавен пред одржувањето на големиот настан.

Екс членката на тимот од Автокоманда, моментално, настапува за Валчеа, а во својата кариера го носеше дресот на Мец, Езбјерг, Кубан Краснодар, Астраханочка, Кишварда, но, ниту еднаш не успеа да заигра на завршницата од елитното европско натпреварување.

,,Ракометот е најголемиот дел од мојот живот. Многу ми се важни тренинзите, борбите, пријателите и добрите резултати. Играв многу пати во Лигата на шампионите, но никогаш не стигнав до Ф4. За мене тоа е сè уште сон. Но, сега имам можност да бидам дел од прославата како пејачка. Ќе биде кул да се пее со Анри Мендез пред таква публика“ изјави Лишчевиќ за ЕХФ.

Ракометарката и музичарот ќе објават и своја верзија на официјалната песна од Лигата на шампионите. Завршниот турнир од Лигата на шампионите кај дамите ќе се одржува во периодот од 4 до 5 мај. Натпреварите ќе се играат во мултифункционалната арена во Будимпешта.