Некогашен член на Пелистер активен и на 43 години!

Некогашниот ракометар на битолски Пелистер во сезоната 2010/2011, Дејан Унчанин, ниту на 43 години не помислува да му каже збогум на ракометот.

Иако четири пати се простуваше од активното играње, сепак одново се враќа на теренот, овојпат во дресот на босанскиот Коњух од Живинице.

Унчанин, кој настапува на десната бековска позиција потекнува од Борац Бања Лука, а освен за Пелистер настапуваше и во многу други клубови.

Има богата кариера во Врбас, Партизан, Синтелон, Ловќен, италијанските Конверзано и Прато, швајцарскиот Винтертур, португалската Хорта, грчкиот Филипос, а беше дел и од шпански и израелски клубови.

Коњух Живинице сега е на 12 место во Премиер лигата на Босна и Херцеговина и ќе се бори за опстанок, а Унчанин со своето искуство ќе се обиде да му помогне на овој тим да  го зачува местото во елитата.