„Недопустливо е да играме вака, им се извинувам на навивачите“

Репрезентацијата на Србија на реванш дуелот против Норвешка во рамки од квалификациите за Европското првенство 2024 беше убедливо поразена со десет гола разлика, 35:25.

Србите во Улсет не успеаја да ја повторат играта од Нови Сад кога против скандинавската селекција триумфираа со 25:24.

Селекторот Тони Херона воопшто не беше задоволен од прикажаната игра против Норвешка и упати извинување на српските навивачи.

,,На реванш дуелот не бевме доволно концентрирани. Ова беше сосема поинаков натпревар во однос на тој од Нови Сад. За жал го одигравме веројатно најлошиот натпревар откако ја презедов селекцијата. Освен дебитантскиот настап на Никола Зечевиќ, речиси и да нема позитивни елементи на кои би се навратил. Неприфатливо е по победата да играме вака во реваншот и во оваа прилика им се извинувам на сите српски навивачи“, изјави Херона.

Србија во квалификациите за Европското првенство 2024 за противници ги има Финска, Словачка, како и Норвешка.

Ракометарите на Херона кон крајот на месец април ќе ги одиграат реванш дуелите против Финска и Словачка.

Србите веќе практично обезбедија настап на континенталниот собир во Германија.