Недановски: Ќе бидеме максимално фокусирани на реваншот со Војводина

По триумфот од 38-25 над Војводина во првиот четвртфинален меч, ракометарите на Вардар се пласирани во следната фаза од регионалната СЕХА лига.

Реванш дуелот во Нови Сад ќе биде само формалност, во која младинците на српскиот шампионат ќе се обидат да се покажат во подобро светло.

Тренерот на Вардар, Владо Недановски истакна дека неговиот тим нема да влезе со потценување кон ривалот.

,,Немаме многу време за одмор бидејќи сега имаме набиен распоред на натпревари. Вчера игравме домашно првенство, сабајлево трениравме и веднаш заминуваме за Нови Сад. Имаме голема предност од првиот натпревар, но без разлика на тоа ќе бидеме максимално фокусирани на натпреварот со Војводина. Тие во Скопје играа со комбиниран тим, но не знаеме како ќе биде сега. На секој меч одиме со мисла да победиме. Во Нови Сад ќе бидеме без Борко Ристовски, Стојанче Стоилов и Дарко Ѓукиќ. Нема што многу да менуваме во играта, треба само да го наметнеме нашето темпо. Секако ќе добијат шанса сите да играат”, изјави Недановски.

Натпреварот меѓу Војводина и Вардaр ќе се одигра утре, со почеток од 16:30 часот.