Негатива за пелистерци по првото полувреме со Колстад

Еурофарм Пелистер одигра лошо во првите 30 минути против Колстад во натпревар од Лигата на шампионите и на полувреме губи со шест гола разлика, 16:10.

Дуелот меѓу македонскиот и норвешкиот шампион беше отворен со голот на најновото засилување на пелистерци Богдан Радивојевиќ. По предноста на Еурофарм Пелистер од 1:0, гостите од Норвешка постигнаа четири гола во низа и во 7-та минута дојдоа до 4:1. Серијата од 4:0 на Колстад беше причина тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ да побара тајм-аут и да направи неколку измени во ростерот.

На местото на Цехте влезе младиот Петровиќ, но босанскиот интернационалец во три наврати не успеа да го совлада расположениот голман Бергеруд. Колстад одлично ги користеше дупките во одбраната на Еурофарм Пелистер, најмногу на левата и десната крилна позиција, врза уште три гола и во 12-та минута имаше 7:1.

Македонскиот шампион вториот гол на натпреварот го постигна дури во 13-та минута преку Цехте. Минута подоцна, Радивојевиќ со својот втор гол намали на 7:3. Бергеруд за 15 минути имаше осум интервенции и беше најзаслужен за предноста на неговиот тим од плус седум гола разлика, 10:3. Следуваше период, во кој во поглед на разликата ништо не се смени.

Норвешкиот шампион доминираше на теренот, во 20-та минута имаше 12:4 и во последните десет минути дозволи домаќинот да намали дел од негативата. Сепак, гостите не ја испуштаа предноста од шест до седум гола разлика и на полувреме заминаа со 16:10.