,,На 40 години го исполнив мојот сон, заиграв за Кил”

Легендарниот ракометар на Норвешка, Бјарте Мирхол, кој по завршувањето на Олимписките игри во Токио реши да се пензионира, пред неколку месеци повторно се врати на ракометните терени, откако екипата на Кил реши да го ангажира за натпреварите од Ф4 турнирот од Лигата на шампионите, бидејќи „зебрите“ останаа без Хендрик Пекелер поради повреда.

Мирхол во краткиот камбек, со Кил го освои третото место на Ф4 турнирот во Келн. Натпреварот за бронзениот медал против Веспрем, беше дефинитивно последниот меч за искусниот ракометар од Норвешка. 40-годишниот ракометар во интервју за германската телевизија „Скај Спорт“ зборуваше за неговото кратко враќање во ракометот.

,,Прекрасно е вака да ја завршиш кариерата. Сонував да играм за Кил, но никогаш не добив понуда. На 40 години, кога веќе ги фрлив патиките во ѓубре, клубот ме повика да играм за нив. Како тинејџер сонував еден ден да играм за Кил и бев многу љубоморен кога Борге Лунд доби понуда од нив. Сега, на 40 години, го исполнив мојот сон и конечно можам со задоволство да ја завршам кариерата. Мојот официјален последен натпревар во Токио беше пред нула гледачи и тоа беше навистина ужасно. Сега ја завршив кариерата пред 20.000 навивачи, чувството беше неверојатно”, изјави Мирхол за „Скај Спорт“.

Норвежанецот во текот на својaта кариера постојано беше клучна фигура во норвешката репрезентација, а неговата важност за тимот веќе се забележа на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Мирхол за Норвешка има одиграно 257 натпревари и постигнато 795 голови. Двапати како капитен ги предводеше своите соиграчи до сребрен медал на светските првенства. Последните шест години беше дел од Скјерн, а претходно исто толку настапуваше за Рајн Некар кој го повлече дресот со број 18 во негова чест.