На стартот во СЕХА – Вардар оди во Запорожје, Еурофарм Пелистер во Брест

Стартот на новата сезона во регионалната СЕХА лига е планиран за 10 октомври, а Македонија и оваа година ќе има два претставника – Еурофарм Пелистер и Вардар. Во споредба со лани, ги нема тимовите на ЦСКА Москва и Пекинг Универзитет, а групите и ривалите на македонските екипи се истите од минатата сезона.

Распоредот и термините на натпреварите од регуларниот дел се уште не се објавени, но нашите клубови добиле известување за првиот ривал. Вардар треба да патува на гости кај Мотор во Запорожје, а Еурофарм Пелистер треба да гостува кај Мешков Брест.

За разлика од ЛШ, во СЕХА не се патува со чартер летови, и освен на овие гостувања во Запорожје и Брест, екипите ќе патуваат со автобус.

Гостувањата на просторот на некогашниот СССР не се посакувани и во нормални услови, а не пак во овие услови на пандемија, па нашите клубови ќе имаат големи проблеми да ја најдат вистинската конекција до крајната дестинација.