На СП во Египет има уште четири слободни места – дали Македонија ќе добие едно од нив?!

По денешната одлука на ЕХФ да ги откаже квалификациските натпревари за место на Светското првенство на Египет, познато е кои десет европски селекции ќе им се придружат на Данска, Шпанија, Хрватска и Норвешка.

Тоа се селекциите што беа во првиот шешир пред ждрепката за вториот бараж – Франција, Словенија, Германија, Австрија, Португалија, Белорусија, Чешка, Шведска,  Исланд и Унгарија. Со овие десет репрезентации бројот на сигурни учесници на Мундијалот што треба да се одржи од 14 до 31 јануари следната година е 28.

Тука се домаќинот Египет, светскиот првак Данска, трите најдобри селекции од Европското првенство, потоа шесте најдобри од Африканскиот Куп на нации, четирите најдобри од Азиското првенство, најдобрите три селекциите од првенството на Јужна и Централна Америка, како и десетте европски квалификанти.

Остануваат уште четири слободни места. Едното место треба да се пополни со најдобриот тим од зоната на Северна Америка и Кариби (квалификациски турнир во Мексико од 28 април до 3 мај), додека уште едно место има(ше) за најдобриот тим од Јужна и Централна Америка што нема обезбедено СП (квалификациски турнир во Сан Салвадор од 8 до 13 мај). Двете преостанати место се за репрезентации што ќе добијат вајлд-карти.

Со оглед на тоа што ЕХФ ги одложи европските квалификации за СП, истото се очекува да се случи и во другите две зони. И претходно беше прашање дали ќе има доволно репрезентации за да се одржат тие турнири (треба најмалку шест), па тоа место се пренасочува кај најдобриот континент од претходното СП во 2019 година (Европа). Тоа значи дека ИХФ сигурно ќе има најмалку две вајлд-карти, а може да има и четири, па нашата репрезентација сигурно ќе влезе во комбинација, како најдобро пласирана на ЕП што се уште нема обезбедено место на Мундијалот.

Ракометната федерација најави дека нема да се откаже од можноста сениорите да играат на СП во Египет и со сите сили ќе се обиде да стигне до вајлд-карта. В среда би требало да има повеќе детали околу ова прашање по состанокот во ИХФ.

Учесници на Светско првенство во Египет 2021 година (28/32):

🇪🇬 Египет
🇩🇰 Данска
🇪🇸 Шпанија
🇭🇷 Хрватска
🇳🇴 Норвешка
🇩🇿 Алжир
🇦🇴 Ангола
🇨🇻 Капе Верде
🇨🇩 Конго
🇲🇦 Мароко
🇹🇳 Тунис
🇧🇭 Бахреин
🇯🇵 Јапонија
🇶🇦 Катар
🇰🇷 Јужна Кореја
🇦🇷 Аргентина
🇧🇷 Бразил
🇺🇾 Уругвај
🇦🇹 Австрија
🇧🇾 Белорусија
🇨🇿 Чешка
🇫🇷 Франција
🇩🇪 Германија
🇭🇺 Унгарија
🇮🇸 Исланд
🇵🇹 Португалија
🇸🇮 Словенија
🇸🇪 Шведска