„На денешниот ракомет му е потребен и трет судија“

Ракометарот Расмус Бојсен кој често ги коментира случувањата денес во ракометот дојде до идеја да се воведе трет судија на натпреварите.

Според Бојсен на денешниот ракомет потребен му е трет судија кој ќе ги брои чекорите на ракометарите направени со топката и ќе внимава на ситуациите околу голманскиот простор, односно од каде ракометарот шутира.

„Во ракометот во последно време веќе стана дозволено да направите четири-пет чекори и да се стапнете во голманскиот простор пред ударот, се постигнуваат многу голови на таков начин ако тоа го направите да изгледа како што треба. Знам дека таквите ситуации се многу тешки за проценка за судиите, потребен ни е трет судија чија задача ќе биде само да ги следи овие ситуација“, порача Бојсен.

Причина за ваквата изјава на Бојсен е ситуацијата од натпреварот помеѓу Анитасуна и Барселона во кој сакајќи да го задржат времето ракометарите на каталонскиот клуб на 15 секунди пред крајот направија неколку прекршувања на споменатите правила.