На Врањеш му е убаво во Брест – го продолжи договорот со Мешков

Еден од носителите на одбраната на Мешков Брест, Владимир Врањеш реши да го продолжи договорот со белорускиот шампион.

Репрезентативецот на БиХ во Мешков Брест останува уште две сезони, до 2024 година. Веста за продолжувањето на неговиот договор беше официјално објавена на клупската страна на белорускиот тим.

Спортскиот директор на Мешков Брест, Павел Башкин го искажа своето задоволство од потпишувањето на новиот договор со искусниот ракометар од БиХ.

„За жал, веќе е познато дека некои играчи, и покрај нашите напори, сепак ќе го напуштат тимот следното лето. Но, имаме намера да оставиме многу лидери во екипата. Многу сме среќни што потпишавме нов договор со Владимир Врањеш. Како што знаете, нема победи во ракометот без сигурна и моќна одбрана. Во исто време, тој добро се снајде со своите вештини и во нападот. Сигурни сме дека Владимир ќе донесе многу придобивки за клубот од Брест“, изјави Башкин.

Босанецот во Мешков Брест пристигна минатата сезона од унгарската екипа Татабања. Претходно, Врањеш беше дел од ПИК Сегед, Адемар Леон и Борац од Бања Лука. Денес неговиот тим ќе се спротистави на македонскиот шампион, Вардар во рамките од второто коло од Лигата на шампионите.