Најомразениот ривал на Кометал ЃП стана шампион по 44 пат!

Тимот на Хипо, кој на времето жареше и палеше на меѓународна сцена и кој беше еден од најголемите ривали на тогашниот Кометал ЃП, ја освои 44. титула во шампионатот на Австрија, докажувајќи дека и по распадот на големиот проект, екипата сѐ уште е доминантна на домашна сцена.

Поранешниот шампион на Европа од 1977 година доминира во Австрија, со исклучок на 2019 година, кога титулата ја освои Ацгерсдорф, како и 2020 година, која што беше прикината поради ковид пандемијата. Хипо шест пати ја освојуваше Лигата на шампионите, последниот пат ја освои во 2000 година кога во финалниот дуел го совлада Кометал ЃП.

Хипо на првиот натпревар од финалето триумфираше со убедлив резултат од 32:23, додека на реванш натпреварот, кој беше одигран во СРЦ Кале, Кометал ЃП победи со 22:20. Поради убедливата победа на првиот натпревар, ракометарките на Хипо ја освоија титулата во Лигата на шампионите.

По натпреварот, Кометал ЃП доби едногодишна суспензија од страна на ЕХФ бидејќи првиот човек на Хипо, Гунар Прокоп, беше нападнат од страна на навивачите. Пред неколку години, поранешната ракометарка на Хипо, Тања Логвин, изјави дека реванш натрпеварот од финалето против Кометал ЃП наликувал на хорор филм поради лошата организација на домаќините, но, исто така, изјави дека им бил нуден поткуп за да не отпатуваат за Скопје.