Начевски и Николов главни на дуелот меѓу Србија и Словенија, македонска двојка ќе суди во Хрватска

Во пресрет на реванш натпреварите за пласман на Светското првенство следната година во Шведска и Полска, ЕХФ ги делегираше арбитрите и делегатите.

На два реванш натпревари судиската правда ќе ја делат судии од Македонија. Најдобрата македонска судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ќе го судат реванш натпреварот од балканскиот двобој меѓу Србија и Словенија.

Овој натпревар е закажан за 16 април во Крагуевац. Репрезентативците на Србија на првиот дуел во Целје направија изненадување и обезбедија победа од 31:34.

На натпреварот меѓу Хрватска и Финска, кој ќе се одигра на 16 април во Вараждин, и кој ќе биде само формалност бидејќи избраниците на Хрвоје Хорват на првиот дуел веќе ја завршија работата и триумфираа со 34:21, судии ќе бидат Даниело Божиновски и Виктор Начевски.