„Националниот тим не е играчка или предмет за експериментирање“

Поранешниот селектор на женската репрезентација на Романија, Георге Тадичи за домашните медиуми ја коментираше донесената одлука на ракометниот сојуз на Романија за новиот селектор и неговиот асистент во женскиот национален штаб.

Тадичи во неколку изјави го поддржуваше Адријан Василе за нов селектор на Романија, но не очекуваше дека негов асистент ќе биде странец. Искусниот романски стратег е познат на јавноста по изјавите дека е против странски играчи и тренери во Романија.

„Јас бев против странски тренери и асистенти. Адријан Василе за свој помошен тренер зеде еден Норвежанец, за кого никој не знае ништо. Не знам што може да направи овој тренер од Норвешка. Ќе дојде на собирот три дена, не ги познава играчите. Мислам дека ова е навреда за тренерите од тимовите од домашната лига кои ги воспитуваа овие ракометарки. Националниот тим не е играчка или предмет за експериментирање“, изјави Тадичи.

Пред извесен период нов селектор на женската репрезентација на Романија стана Адријан Василе. Тој одлучи негов асистент да биде поранешниот тренер на Шиофок, Бент Дал.