Натпреварите во Данска ќе ги судат по тројца арбитри!

Ракометната федерација на Данска по Олимписките игри во Париз, кои ќе се одржат во текот на 2024 година, размислува да направи промена во системот во својот шампионат.

Промените ќе се однесуваат кај арбитрите, па така наместо двајца, во данскиот шампионат ќе судат тројца судии, со цел делењето на правдата на сите натпревари да биде на професионално ниво.

Претседател на Судискиот комитет на Данската ракометна федерација, Бјарне Мун Јенсен во изјава за данската телевизија ТВ2, истакна дека со воведувањето на трет судија ќе им се олесни задачата на двајцата судии кои доколку се игра брзо и динамично, не можат да ја контролираат секоја ситуација од теренот.

,,Целиот дански систем на судење треба да стане попрофесионален во иднина. Имаме професионални играчи и тренери и затоа треба да ги подигнеме судиите на исто ниво. На еден ракометен натпревар има многу трчање, се игра динамично и брзо, па на судиите може да им биде тешко да контролираат се што се случува. По игрите во Париз, ќе почнеме да работиме на систем со тројца судии за натпреварите. Овој систем беше тестиран на неофицијалното светско клупско првенство, судиите дадоа добра оценка за иновативноста. Според нив, тие се поблиску до ситуациите на теренот и со тоа имаат повеќе можности да ги донесат најдобрите одлуки”, изјави Јенсен.

Оваа година на натпреварите на неофицијалното светско клупско првенство Супер Глоуб судеа тројца судии.