Нант на Лазаров се спасуваше против Иври

Екипата на Нант за која настапува, Кирил Лазаров оствари многу тешка победа на гостувањето кај Иври во рамки на 17. коло од најсилната лига на Франција, со минимални 25:24.

Првите 20 минути од мечот поминаа во максимално израмнета игра, ниту една екипа не успеваше да направи поголема предност. Во завршните минути од првиот дел Иври успеа да обезбеди предност од 13:11 на полувреме.

На почетокот на второто полувреме домашниот тим отвори одлично и стигна до пет гола позитива, 17:12. Во продолжение Нант имаше тешка задача, но успеа да направи целосен пресврт. По подолго време во 54. минута Нант повторно поведе и ја задржа предноста до крај за тешка победа од 25:24.

Кирил Лазаров немаше свој ден и од само еден удар кон противничкиот гол не успеа да погоди. Најефикасен во тимот на Нант беше Давид Балагер со осум гола, а голманот Нилсен забележа десет одбрани. Нант останува на 5. позиција на табелата со 20 бодови.