„Наместо да играм против Хансен, Карабатиќ и Абало, јас се грижам дали некој го нарушува полицискиот час“

Поради пандемијата на коронавирусот во Романија е воведен полициски час, а властите во земјата се соочуваат со недостиг на полициски службеници за спроведување на мерките за заштита.

За таа цел Министерството за внатрешни работи ги повика ракометарите од Динамо Букурешт да се стават на располагање и да помогнат во овој кризен период. Дан Савенко, пикерот на Динамо има функкција на полициски инспектор и тој ракометниот дрес го замени со полициска униформа.

„Од четвртокот сме на работа, ја облекуваме унформата и подготвени сме да и служиме на татковината. Во осум часот наутро мора да се појавиме во полициската станица. Двајца ракометари сме и добивме реон заедно се уште еден редовен полицаец кој е често таму. Многу ми е чудно, се подготвував да ги запознам Карабатиќ, Абало и Хансен, а сега треба да се грижам дали некој го нарушува карантинот. Сепак ова е предизвик за нас и ќе се соочиме со тоа“, изјави Савенко за gsp.ro.

Во осминафиналето од Лигата на шампионите, Динамо Букурешт треба да се соочи со големиот фаворит ПСЖ, сепак останува неизвесно кога ќе бидат одиграни овие дуели. Додека трае кризата со коронавирусот ракометарите од клубот ќе останат во служба на својата земја.