Навивачите уште еднаш ги поздравија црногорските „лавици“ – спектакл во „Бемакс Арена“!

Околу 1.000 навивачи во „Бемакс Арената“ во Подгорица заедно со ракометарките на Црна Гора во текот на вчерашниот ден го прославија освоениот бронзен медал на Европското првенство 2022, кое заврши во неделата, а се играше во Словенија, Црна Гора и Македонија.

Поради лошите временски услови во Подгорица, прославата беше организирана во „Бемакс Арената“, која беше претесна да ги прими сите црногорски навивачи.

Ракометниот сојуз на Црна Гора и градот Подгорица беа главните организатори на големата прослава. Од бината беа испратени пораки со благодарност до сите навивачи и поддржувачи, кои беа осмиот играч на ,,лавиците” на натпреварите од главната фаза во Скопје и завршните дуели во Љубљана.

На присутните им се обратија Јованка Радичевиќ, која по Европското првенство официјално ја заврши својата репрезентативна кариера, потоа Милена Раичевиќ, селекторот Бојана Поповиќ, првиот човек на Ракометниот сојуз на Црна Гора, Петар Каписода и градоначалникот на Подгорица, Иван Вуковиќ.

Црна Гора на завршеното ЕП со победата против Франција од 27:25 заврши на третото место на континенталниот собир и по речиси десет години повторно успеа да дојде до медал на големите натпреварувања.

За потсетување, во понеделникот избраничките на Бојана Поповиќ имаа спектакуларен пречек на аеродромот во Подгорица.