Му се закануваа со смрт поради празнична честитка, па мораше да си замине од клубот

Младиот ракометар Милош Чекиќ по линчот што го доживеа во БиХ поради објава на социјалните мрежи, направи голем исчекор во својата кариера.

Довчерашниот ракометар на босанскиот суперлигаш Искра Бугојно, на 9 јануари преку социјалните мрежи објави честитка по повод Денот на Република Српска.

Веднаш после неговата објава, тој доживеа бројни непријатности, па дури и смртни закани не само од градот Бугојно, туку и од целата Федерација на Босна и Херцеговина, а федералните медиуми додадоа масло на огнот, па дел од суперлигашите од Република Српска најавија дека ќе го бојкотираат шампионатот на БиХ.

Ракометарот од Козарска Дубица поради страв за својата безбедност реши да не се враќа во Бугојно на стартот на подготовките, па клубот го суспендираше.

Сепак, Чекиќ за краток период најде нов ангажман и се пресели во редовите на амбициозниот Партизан од Белград, кој е ривал на македонскиот шампион Вардар во рамки од групната фаза од СЕХА лигата.

„Милош Чекиќ во следните неколку сезони ќе игра во Партизан. Ова е добро за него, но и за нас. Добивме квалитетен играч кој ќе напредува, а најважно беше да ја завршиме оваа непријатна ситуација на најдобар можен начин. Челниците од Искра Бугојно навистина беа коректни и се договоривме без проблем, а ракометарот потпиша договор на две и пол сезони”, изјави спортскиот директор на Партизан, Александар Благојевиќ за босанскиот портал ,,Мондо”.

Чекиќ минатата сезона беше најзаслужен за опстанокот на Искра Бугојно во најквалитетното натпреварување во БиХ.

Пред три години поради слична објава на социјалните мрежи беше отпуштен и капитенот на фудбалскиот клуб Ѕвијезда од Градачац, Дејан Поповиќ.

За потсетување, на 9 јануари, Република Српска го прослави својот ден – својот 31 роденден, што традиционално предизвикува остри осуди во делови од Босна и Херцеговина поради граѓанската војна во 90-те години.