Мојсов: Немавме среќа во некои ситуации

Tимот на Еурофарм Пелистер загуби на гостувањето кај Татран Прешов со 32-28 во рамките на регионалната СЕХА лига.

Во отсуство на тренерот Жељко Бабиќ, кој има коронавирус, битолчани ги водеше неговиот асистент Божидар Мојсов.

„Бевме малку несреќни во некои ситуации. Без разлика на поразот од Татран, имам чувство дека го дадовме максимумот. Се надевам дека следниот пат ќе победиме“, изјави Мојсов.

Капитенот на битолчани, Градимир Чаневски, имаше добра партија меѓу стативите, но тоа не беше доволно за нешто повеќе.

„Ни недостигаат неколку ракометари, а чувствуваме и замор од претходно одиграните натпревари. Сега треба да се фокусираме и да се подготвиме за она што нè чека“, изјави Чаневски.

Следна обврска за битолчани ќе бидат две средби со тимот на Пролет, една за место на Ф4 во Купот, една од редовното коло од плеј-офот во Суперлигата.