„Можевме да добиеме полесна група, но и потешка – ова е некоја поволна ждрепка“

Вчера беше одржана ждрепката за Светското првенство кое ќе се игра во Полска и Шведска во 2023 година. Репрезентацијата на Норвешка, која на последниот одигран Мундијал заврши на 6. позиција, на следното Светско првенство во првата фаза ќе игра против репрезентациите на Македонија, Холандија и Аргентина во рамки од групата Ф.

Иако скандинавската земја се истакнува како главен фаворит во својата група, селекторот, Јонас Виле, кој ја презеде норвешката репрезентација пред извесен период, смета дека против секоја репрезентација ќе треба да се даде максимумот.

,,Можевме да добиеме полесни, но и потешки противници, ова е некоја поволна ждрепка, но ниту една репрезентација од групата не е лесен ривал, како што може да биде на некое Светско првенство. Но, имаме добра шанса за голем напредок на Мундијалот. Сите репрезентации играат на солидно ниво и затоа мора да бидеме подготвени од самиот почеток на Светското првенство. Нема да има лесни натпревари, па затоа е важно да имаме силен состав без повредени играчи и сите ракометари да бидат во одлична форма”, изјави Виле за сајтот на норвешката федерација.

Првите три репрезентации од групата ќе се пласираат во главната рунда на Мундијалот, каде што ќе вкрстат со три селекции од групата Е, во која се Германија, Катар, Србија и петтопласираната селекција од Африка.

Светското првенство ќе се игра во четири полски града – Краков, Катовице, Гдањск и Плоцк, како и во пет шведски града – Малме, Јончопинг, Гетеборг, Кристијанштад и Стокхолм од 11 до 29 јануари.