Младост блиску до плеј-оф, во Богданци славеше над Преспа

Тимот на Младост Богданци е блиску до место во плеј-офот, откако во натпревар од осмото коло од групата 2 во Првата лига, го победи директниот конкурент Преспа со 24-18. Во првиот дел најчесто се играше гол за гол, со добри одбрани и беа постигнати само 18 погодоци. На пауза се замина со 9-9.

Во второто полувреме по 13-12 за Младост, гостите не реализираа неколку напади и домаќинот се одлепи на 16-12, а таа серија беше клучна за победата. До крајот гостинските ракометари се обидуваа, но никако не можеа да ја стигнаат предноста на Младост, па мечот заврши 24-18.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Динов со осум, како и Стоилов и Роглев со по пет, додека кај Преспа Шиклевски даде пет, а по четири пати  во листата на стрелци се запишаа Ставревски и Даскаловски.

Тимот од Богданци сега има 15 бодови на третото место и се наоѓа многу близу до место во плеј-оф, а Преспа е на петтото место со девет бодови.