Младите од Алушовски доминираа во Србија: Има две круни во ЛШ како играч, сега и прв трофеј како тренер

Тимот на Алушовски се враќа со златни медали од турнир „Метеор“ во Србија откако беше освоено прво место со генерацијата 2006 и исто така прво место во мини ракомет со генерацијата 2008. Ракометниот клуб Алушовски беше македонски претставник на интернационалниот турнир во Лесковац, каде учествуваше со три екипи. Македонската делегација која ја предводеа тренерите Александар Јовиќ и Владо Недановски, се сретна со екипи од регионот. Покрај екипи од Србија имаше претставници од Босна и Херцеговина и Грција.

Во стручниот штаб на РК Алушовски покрај Александар Јовиќ е и двократниот освојувач на Лигата на шампионите, Владо Недановски, кој од годинава стартуваше со тренерска кариера и работи со младинските категории во Алушовски. Токму неговата екипа го освои турнирот за ракометари од генерацијата 2006.

За него ова е прв турнир на кој настапува како тренер на некој тим и ова е секако голем поттик за понатаму во неговата кариера.

Тимот на Алушовски учествуваше и во делот од турнирот во мини ракомет. Таму играше генерацијата 2008, која ја предводи Александар Јовиќ и се вратија со стопроцентен учинок без ниту еден пораз.

Покрај колективните награди, Петар Пројкоски од ракометниот клуб Алушовски беше прогласен за најкорисен ракометар на тунирот.

Покрај младите ракометари од РК Алушовски на турнирот во Лесковац имаше и други екипи од Македонија. Во женска категорија за генерацијата 2004 се натпреваруваше Астра Скорт Македонска Каменица, во машка категорија за ракометари родени до 2006 година настапуваа и РК Рисови Скопје и РК Младост од Ресен.

Овие резултати се одлични за тимот на Алушовски, кој од оваа сезона се натпреварува и во сениорска конкуренција. Покрај во машка има тим и во женска конкуренција така што е активен во сите натпреварувања.