Михајловски и Постоловски за посилно Куманово

Прволигашот Куманово за пролетниот дел од сезоната реши да ангажира двајца нови ракометари. Во екипата на Куманово пристигнаа Христијан Михајловски од суперлигашот, Скопје 2020, и искусниот ракометар Даниел Постоловски, кој повторно е присутен на македонските терени.

Михајловски со раководството на Куманово потпиша договор до крајот на оваа сезона. Пикерот, Постоловски во редовите на Куманово ќе игра две сезони. Доколку Михајловски се покаже во одлично светло, ќе има можност да го продолжи својот договор за наредната сезона.

Михајловски настапува на голманската позиција, додека Постоловски игра на позицијата пикер. Куманово со двете нови засилувања ќе биде повеќе конкурентен во прволигашкото друштво.

Двете засилувања беа присутни на стартот на подготовките за пролетниот дел од сезоната. Кумановци првата фаза од подготовките ќе ја одработуваат во Куманово, додека втората фаза во Дојран.

Ракометарите на Куманово моментално се наоѓаат на 4. позиција на табелата во рамките од Групата Б. Пред стартот на плеј-оф фазата, до крајот од регуларниот дел во Првата лига треба да се одиграат уште пет кола.