Михајловски: Вардар е чист кон ЕХФ, Самсоненко исплати 700.000 евра!

Тимот на Вардар во следната сезона сигурно ќе биде дел од Лигата на шампионите, откако се исплатени дел од долговите кон некогашните играчи, кои го пријавиле тимот во ЕХФ.

Претседателот Михајло Михајловски потврди дека Сергеј Самсоненко исплатил 700.000 евра, додека остатокот ќе биде исплатен до крајот на годината.

„Имавме хендикеп и големи нервози кога ЕХФ соопшти дека нашиот настап во Лигата на шампионите е доведен под знак прашалник поради стари обврски. Има тројца играчи кои пријавиле во ЕХФ и од таму потекнува сето тоа. ЕХФ инсистираше на некоја нивна конзервативна и неприфатлива идеја да се депонира милион евра за да се има пари да се исплатува ако некој тужи. Во директни контакти се договоривме со челниците на ЕХФ. Се исплатија играчите по 700.000 евра, а остантите 300.000 евра се како депозит кој стои и тие може да се искористат. Мојата функција во тие преговори беше начинот да се смени плаќањето на тие средства, а за останатите средства беше задолжен Сергеј Самсоненко. Со тоа нема условување дали Вардар ќе игра во Лигата на шампионите. Но, тоа ни направи проблем, затоа што ланските спонзори чекаа да се заврши со ЕХФ целиот проблем, па да преговараме. Тоа не успори за договорите за спонзорирање со Вардар. Бидејќи сега имаме чист терен пред себе, јас го користам овој прес да испратам апел до сите досегашни спонзори да се обнови договорот и да дојдат некои нови потенцијални спонзори да го помогнат Вардар. Сепак, ние сме двократен европски првак и клуб со јавен интерес. Најдобар клуб од државата. Очекувам институции од градот, од владата, од општините и некои државни јавни претпријатија да го помогнат овој проект и она кое се зацрта да се оствари. Наша цел е да се влезе во ТОП-8 во Европа, да се игра финале на СЕХА лигата и да се освои двојната круна во Македонија“, изјави Михајловски.

Вардарци утре заминуваат на турнир во Магдебург, каде викендот ќе играат два меча на “Хумел Купот”, а потоа ги очекуваат дуели со хрватскиот Загреб.