Митрова го водеше Феникс до прв трофеј во новата сезона!

Поранешната репрезентативка на Македонија, Драгица Митрова, која во оваа сезона го направи првиот интернационален трансфер и од Гевгелија се пресели во редовите на Феникс од Малта, се израдува на првиот освоен трофеј со нејзиниот нов клуб.

Екипата на Феникс го освои Супер купот на Малта, откако триумфираше над директниот ривал за првата позиција во домашниот шампионат, тимот на Кавалиери, со резултат 31:26.

Искусната ракометарка од Македонија беше предводник во својата екипа, а воедно и најефикасна на натпреварот со 12 постигнати погодоци. Митрова освен што беше гоглетерски расположена подели и неколку асистенции кон нејзините соиграчки.

Екс ракометарката на Гевгелија во својата кариера настапуваше и за поранешниот шампион на Македонија, Металург, а со македонската репрезентација настапи на ЕП 2012 во Србија.