Митревски: Не сме фаворити, ама тоа не значи дека ќе се откажеме туку така!

Македонија ќе игра против Словенија, Данска и Црна Гора на Европското првенство следната година.

Во унгарскиот град Дебрецен, избраниците на Кире Лазаров ќе имаат тешка задача за место во главната рунда. Голманот Никола Митревски вели дека не сме фаворити, ама ќе се бориме за пласман понатаму.

„Ја добивме скоро истата група од ЕП 2018 во Загреб, само Данска е на местото на Германија. Сите се познати противници и јасно е кои се фаворитите. Ќе биде тешко, комплицирано и не чека многу работа. Не сме фаворити, но тоа не значи дека ќе се откажеме туку така. Ќе се подготвуваме и ќе мислиме меч по меч. Има многу да се игра и верувам дека ќе ја искористиме секоја шанса која ќе се појави”, вели Митревски за 24Ракомет.

Македонија стартува на 13 јануари против Словенија, на 15 јануари ќе игра со Црна Гора, додека последниот натпревар на 17 јануари е против Данска.