Митревски и Порто со нова дерби победа – по Спортинг падна и Бенфика

По поразот од ПСЖ во Лигата на шампионите, португалскиот првак Порто и Никола Митревски се вратија на победничките патеки.

По дерби триумфот над Спортинг минатото коло, пред Порто падна уште еден конкурент за домашните трофеи, тимот на Бенфика, кој беше совладан со 27-25. Бенфика беше тврд орев, на моменти имаше и предност од три гола, а Порто иако во последните десетина минути поведе со 24-20, мораше да стравува за победата.

Гостите од Лисабон се вратија на минус еден, 25-24, но потоа погодија Магалаеш и Мартинс, и ги расчистија сите дилеми. На голот на Порто цело време беше Кинтана, кој забележа осум одбрани, додека Митревски влезе само да брани седмерец.

Најдобар стрелец кај победникот беше Мартинс со шест погодоци, додека кај Бенфика, Петар Ѓорѓиќ даде девет, а Рамел и Кукиќ по четири гола. Сега Порто остана единствен тим во Португалија, кој има максимален учинок досега -11 победи на 11 одиграни натпревари.