Митревска и Митрова беа доволни за победа на Гевгелија против Овче Поле СУ

Екипата на Гевгелија на домашен терен беше подобра од Овче Поле СУ со 27:21 во рамките од 22. коло од Женската лига. Овче Поле СУ имаше сила само за едно полувреме, а во вториот дел, Гевгелија имаше целосна контрола на резултатот.

Ракометарките на Овче Поле СУ на почетокот имаа предност од 2:1 со головите на Вучевска и Манева. Избраничките на Татјана Бојкова со мини серија од два гола во низа се вратија во игра и обезбедија водство од 3:2.

Гостинките од Свети Николе со изменет состав и мала ротација на теренот на две минути до крајот на првиот дел намалија на само еден негатива, 11:10. По 30. минути игра, Гевгелија замина со водство од 12:11.

Домашната екипа со гол го започна вториот дел и повторно дојде на два гола разлика, 13:11. Поискусните ракометарки на Гевгелија не дозволија посилен отпор на противникот и рутински ги завршија преостанатите минути. Победникот беше познат кога Гевгелија поведе со 21:17.

Најефикасни во победничкиот состав беа Драгица Митрова со осум и Михаела Митревска со седум гола. Во екипата на Свети Николе, Марија Анчева беше прв стрелец со седум гола.