Миркуловски триумфираше против Томовски, Лудвигсхафен постигна само 11 гола

Во македонската пресметка во Бундес лигата помеѓу Филип Миркуловски и Мартин Томовски и нивните екипи Вецлар и Лудвигсхафен триумфираше домашниот тим со високи 29:11.

Уште по првиот дел Вецлар беше многу блиску до победата кога обезбеди седум гола предност. Лудвигсхафен само почетните минути ги одигра добро и имаше предност, но од 17. минута при резултат 4:4 се беше во знакот на домашниот тим.

Со серија од 7:1 во завршницата на првиот дел Вецлар обезбеди предност од 13:6. Гостите имаа многу проблеми со реализација и првиот дел го завршија со скромни шест гола. Доминацијата на Вецлар продолжи и во вториот дел, а проблемите во напад на Лудвигсхафен беа уште поголеми во продолженито.

Миркуловски и соиграчите продолжија да го полнат голот на Томовски и Шкоф и на крајот Вецлар стигна до многу убедлива победа од 18 гола. Филип Миркуловски еднаш се запиша во листата на стрелци, додека Мартин Томовски на спротивната страна забележа една интервенција за петнаесетина минути.