Милосављев и Марсениќ со Фуксе во финале од Лигата на Европа

Составот на Фуксе Берлин ја комплетираше двојката во финалето од Лигата на Европа откако во второто полуфинале ја совлада екипата на Рајн Некар со 35:32 и на тој начин се избори за дуел против Магдебург во мечот за трофејот.

Фуксе Берлин имаше повеќе од играта во поголемиот дел од средбата, а особено во првите 15 минути од средбата кога беше направена предност од дури осум гола. На средината од првото полувреме резултатот беше 12:4 во корист на „лисиците“ од Берлин.

Оваа предност беше доволна за контрола на играта, но и за мотив повеќе во составот на Рајн Некар. Имаше враќање во средбата откако тимот на Рајн Некар успеа да најде противигра. Во 24. минута резултатот беше 11:14 и тука веќе се гледаше дека ова ќе биде неизвесен дуел.

Почна да се игра брзо и ефикасно. Рајн Некар дојде и до два гола негатива, но тоа беше сè што можеше на овој дуел. Повеќе од овие два негатива не можеше, а на одмор тимот на Фуксе Берлин замина со 19:16.

Во продолжение тимот на Фуксе Берлин имаше контрола на резултатот. Постојано беше во водство и во ниту еден момент немаше проблеми за да дојде до позитивен резултат. Остана на предност од два до четири гола и имаше контрола на ова. До крајот на натпреварот беше одржана предност за конечни 35:32 и финале во кое утре ќе се соочат со Магдебург.

Милосављев заврши со десет интервенции, додека Паличка на голот на Рајн Некар заврши со 11 одбрани. Прв стрелец во победничкиот состав и на натпреварот беше Ласе Андерсон со 11 гола, додека Холм имаше шест. Во тимот на Рајн Некар, Толбринг имаше седум гола, а Нилсон шест.