Мешков Брест се засили со словенечки ракометар

Белорускиот шампион Мешков Брест за понатамошниот тек од сезоната се засили со нов ракометар. Станува збор за средниот бек од Словенија, Марко Матијашевиќ, кој во Мешков Брест ќе остане до крајот на оваа сезона.

Иако Мешков Брест не учествува на европска сцена поради санкциите на ЕХФ кон белоруските клубови поради политичката ситуација во Украина, сепак, актуелниот шампион на Белорусија има амбиции да оствари добар пласман во СЕХА лигата.

Матијашевиќ својата кариера ја започна во Копер и со некогашниот словенечки шампион трипати учествуваше во ЕХФ Купот. Во 2019 година замина во Германија, каде две сезони го носеше дресот на Гросвалштад и беше најзаслужен за преселбата на клубот од третата во втората Бундес лига.

Словенецот откако мина две сезони во Германија одлучи да се пресели во францускиот третолигаш Трембле Франс и на 25 одиграни натпревари во третото по ранг натпреварување во Франција постигна 92 погодоци. 26 годишниот ракометар минутажата во Мешков Брест ќе ја дели со Валентин Куран и Александр Подшивалов.

Својот деби настап во дресот на Мешков Брест може да го има в сабота кога белорускиот шампион ќе му гостува на Зенит во рамки од третото коло од дивизијата „Исток“ во СЕХА лигата.