Металург не издржа, брзите Словенци го свртеа мечот и ќе имаат предност во Скопје

Ракометарите на Металург има предност после првото полувреме против Горење во Велење, но не успеаја да ја зачуваат и од Словенија си заминуваат со негатива од пет гола и 19:24.

Металург имаше подобро отворање на натпреварот. Успеа брзо да дојде до предност од два гола, а тоа се случи уште во 4. минута (3:1). Оваа позитива од два гола се чуваше неколку минути, а потоа домашните се вратија и измранија на 5:5 во 13. минута.

Тука одново Металург дојде во предност, а откако домашните израмнија на 6:6 следуваше уште подобра игра во одбраната и нападот. Дупјачанец запре неколку удари, а потоа во нападот се реализираше, па во 24. минута резултатот беше 10:7 во корист на металурзите.

Иако се имаа плус три само две грешки беа доволни противникот веднаш да се врати. Играта која никако не смееше да се дозволи се случи. Горење ја користеше секоја можност за брзи напади и реализација, па успеа да се избори за шанса за шут на непоставена одбрана и тоа не дозволуваше Металург да има и повисока предност.

После 11:10 за Металург на одмор работите не одеа најдобро за Металург. Домашните брзо успеаја да поведат и да дојдат до предност од два гола. Во 38. минута, Горење поведе со 14:12, a откако Металург постигна гол за 14:13 следуваа минути на криза. Цели девет минути се чекаше за селдниот гол, а дојде преку Мариќ во 48. минута.

Во тие моменти домашните веќе имаа 19 погодоци и имаа висока предност. Водеа со 19:13, па Металург намали на 19:14 што веќе беше висока негатива. Сепак, после ова дојде до стабилизирање и конечно Металург најде решение за голманот Пањтар кој бранеше одлично.

Последните моменти не донесоа ништо ново, па останаа петте гола разлика, а конечните 24:19 ќе бидат предизвик и ќе биде навистина тешко на реваншот во Скопје следната недела.

Најефикасен во Металург со четири гола беше Серафимов, додека по три гола постигнаа Танкоски и Мариќ. Во Горење, седум гола имаше Алекс Кавчич, а шест Матич Вердинек.