Металург без проблеми до бодови, убедлив против Ѓорче Петров

Ракометарките на Металург во рамките од 23. коло од Женската лига беа убедливи против составот на Ѓорче Петров со 32:25.

Избраничките на Јулијана Дамчевска по неколку минути игра имаа 2:1 и продолжија со повисоко темпо. Ракометарките на Ѓорче Петров почнаа да го губат натпреварот при негатива од 7:11. На полувреме, Металург имаше предност од шест гола разлика, 16:10.

Во второто полувреме беше сосема јасно дека бодовите ќе останат во Автокоманда. Одбраната на домаќинките се подобри, а исто така и нивната реализација. Составот на Ѓорче Петров немаше многу сила за надигрување и мораше да го прифати поразот.

Во екипата на Металург прв стрелец беше Марија Тасевска со девет гола, шест додаде Аида Смајлоска. Во гостинскиот тим од Ѓорче Петров, Ања Велкова беше најефикасна со седум гола.