Место Манасков и Георгиевски – се враќа Цветан Кузманоски, шанса добива Ален Ќосевски

Селекторот Кире Лазаров го скрати списокот на ракометари пред двомечот со Португалија од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 во Германија.

Тој за првиот собир ќе смета на 22 ракометари, а има неколку новитети во однос на Светското првенство во Полска и Шведска.

На местото на Дејан Манасков и Гоце Георгиевски, Лазаров ги повика Цветан Кузманоски од Еурофарм Пелистер и Ален Ќосевски, кој игра одлична сезона во Вардар.

Од оние што играа на Мундијалот, во ростерот го нема ниту Давид Савревски, а повик доби десниот бек на битолскиот тим, Мартин Велковски, кој поради повредата ги скокна претходните репрезентативни акции.

По долго време од СП 2021, шанса во националниот тим ќе добие и Марио Танкоски, кој исто така сезонава е во одлична форма во Еурофарм Пелистер.

Собирот на националниот тим ќе биде во недела од 16:00 часот. Првиот меч меѓу Македонија и Португалија ќе се игра на 9 март во Скопје, додека вториот двобој е во Матосињос на 12 март.

Лазаров одбра 22 ракометари за Португалија, камбек на Танкоски и Велковски!