Маџовски: Ни треба само една победа за да се врати самодовербата

Еурофарм Пелистер го очекува нов натпревар од Лигата на Европа против словенечкиот претставник Тримо Требње.

Битолчани загубија на првиот дуел на гости во Љубљана, а левото крило Бојан Маџовски вели дека со 13 загубени топки не се добива натпревар.

„Во Словенија одигравме еден од нашите најслаби натпревари. Иако создававме позиции и шанси, имавме голем проблем со реализацијата. Противникот не нè изненади со ништо од тоа што го подготвувавме, па дури и можам да кажам дека го спречивме нивното најсилно оружје – транзиција и брзата игра. Сепак, со 13 промашени зицери, тешко се добива натпревар“, вели Маџовски.

Слично како и лани, така и сега, битолчани губат натпревари во финишот, но Маџовски се надева дека со една победа, екипата ќе ја врати самодовербата.

„И минатата, а и оваа сезона се соочуваме што и на добиени натпревари, не ги освојуваме бодовите. Веруваме дека и тоа ќе го надминеме. Го оставаме последниот натпревар зад нас, се спремаме и во вторник се надеваме дека ќе излеземе како победници. Ни треба една победа да се крене екипата, да ја врати самодовербата. Иако можам да кажам дека атмосферата е добра во клубот, тренираме и се спремаме одлично, но ни треба таа една победа да ја вратиме самодовербата“, завршува Маџовски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Тримо Требње се игра на 8 декември од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.