Матлиески ја имаше првата прозивка, Голден Арт ќе брка камбек во елитата

Ракометарите на Голден Арт денеска ја имаа првата прозивка од страна на главниот тренер, Никола Матлиески и неговиот помошник, Филип Глигоров. Младата екипа има високи амбиции, а тоа се пласман во Суперлигата за следната сезона.

Со цел обезбедување на зацртаните цели, во клубот пристигнаа тројца нови ракометари. Христијан Милошески од Прилеп, Кристијан Стојаноски од Македонија ЃП и Зоран Стојановски, ќе се обидат да им помогнат на своите нови колеги во мисијата – пласман во Суперлига.

Според прикажаното и одиграното од есенскиот дел, ракометарите на Голден Арт имаат големи шанси да обезбедат суперлигашки статус за наредната сезона и повторно да бидат дел од најквалитетното натпреварување во Македонија.

Тренерот на Голден Арт, Никола Матлиески верува во неговите избраници и во амбициите за освојување на првото место.

„Стартувавме со подготовки, играчите се желни за работа. Се надевам дека ќе имаме успешна полусезона во која ќе го подигнеме нивото на игра, со што ќе успееме да ги оствариме сопствените и клупските амбиции, а тоа е да дојдеме до првото место и пласман во Суперлигата. Успеавме да се засилиме со неколку квалитетни играчи кои што сум сигурен дека добро ќе се вклопат во нашата екипа и ќе придонесат за добар резултат. Во текот на подготовките ќе одиграме и неколку контролни натпревари со цел спремни да го дочекаме стартот на првенството“, изјави Матлиески.

До крајот од регуларниот дел од Првата лига треба да се одиграат уште неколку кола. Потоа следува плеј-оф фазата и големата борба за пласман во Суперлигата.