Матлиески: Кавадарци живее за ракометот, а добрата атмосфера може да ни донесе само добри резултати!

Тимот на Тиквеш од Кавадарци лани имаше сезона за паметење и го обезбеди четвртото место на суперлигашката табела.

Со поддршката на навивачите „Лозари“, кавадарчани им откинаа по бод на Вардар и Алкалоид, а беа блиску до истото остварување и против шампионот Еурофарм Пелистер.

Тренерот Никола Матлиески е задоволен од стартот на подготовките и очекува да бидат остварени сите зацртани цели и амбиции.

„На почеток сме на подготвителен период сме, работиме максимално на тренинзите. Чекаме полека да се комплетираме, играчите максимално се залагаат на тренинг, се надевам дека заедно ќе ги исполниме зацртаните цели и амбиции. Одиме чекор по чекор, прво да се пласираме во плеј-оф, а потоа и борба за местата што носат пласман во Европа. Не го заборавам и настапот во Европскиот Куп, каде што ќе се потрудиме да го претставиме клубот, градот и државата во најдобро светло и се надевам дека ќе имаме добар резултат со австрискиот Кремс“, вели Матлиески.

Кавадарчани ќе ја претставуваат Македонија во Европскиот Куп и во второто коло ќе се соочат со незгодниот австриски Кремс.

„Јас имам некои информации за нивните настапи од минатата сезона во австрискиот шампионат, каде што беа елиминирани во полуфинале. До октомври има време, ќе бидат одиграни уште неколку натпревари и се надевам дека од наша страна подготвени ќе го дочекаме тој двомеч и дека ќе го пружиме максимумот. Кремс е фаворит во двобојот, но ќе гледаме да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже“, продолжи Матлиески.

Тренерот на Тиквеш не размислува на долги патеки и вели дека засега целта е да се обезбеди местото во плеј-офот.

„Во однос на тоа дали Тиквеш може да го повтори резултатот од минатата сезона – се надевам дека може, ќе одиме чекор по чекор, далеку е тоа, не размислуваме така. Ќе гледаме најдобро што можеме да се подготвуваме за секој натпревар, без потценување и без преценување, ќе си ја гледаме нашата цел и нашата работа. На ниедна екипа нема да и биде лесно гостувањето во Кавадарци“, продолжи Матлиески.

Тој се чувствува одлично во Кавадарци и вели дека во градот и во клубот владее убава атмосфера што може да донесе и добри резултати.

„Кавадарци живее за ракометот, јас сум одлично прифатен и во градот, и во клубот, од ракометарите и од раководството. Владее една добра спортска атмосфера, каде што секој си ја гледа својата работа и јас сум задоволен како сум прифатен. Се надевам дека така и ќе продолжиме, бидејќи добра атмосфера е предуслов за добри резултати во иднина. Наследив една добра екипа, одлично подготвена, каде што не беше тешко да се прилагодам и јас само се надоврзав на нивниот систем на работа, кој даде резултат“, вели Матлиески.

Ростерот на тимот не е се уште до крај комлетиран и Тиквеш би можел да се засили со уште еден или двајца ракометари.

„Имаше промени во ростерот – некои играчи дојдоа, некои си заминаа. Нивните места беа пополнети, со тоа што оставам простор дека би можеле да се засилиме со уште еден или двајца ракометари. Го следиме трансфер пазарот и ако има некој играч што ги исполнува условите да се приклучи, што би можел да ни помогне, се надевам дека ќе реагираме и ќе го донесеме. Ни се приклучија искусни ракометари, мислам дека ќе се претстават во најдобро издание пред кавадаречката публика. Нема многу што да се зборува за нив, тоа се квалитетни играчи кои ќе одговорат на нашите барања“, заври Матлиески.

Тиквеш е во група со Еурофарм Пелистер 2, Охрид, Струга, Алкалоид, Скопје, Куманово и Аеродром.