Матлиески: Имаме екипа што е спој на младост и искуство, сакаме камбек во најелитното натпреварување

Тимот на Голден Арт во новата сезона ќе биде дел од Првата лига по само една година настап во суперлигашкото друштво.

Ждрепката сакаше Голден Арт во групата Б заедно со Јуниор КВ, Алкалоид, Аеродром, Астраион, Металург РА, Текстилец, Куманово, Кичево и Македонија ЃП.

Тренерот на Голден Арт, Никола Матлиески, вели дека на тимот со многу нови играчи ќе му треба време за воигрување.

„Имаме многу нови играчи оваа година во тимот и сигурно дека ќе ни биде потребно време за вооигрување, но според она што го гледам во моментов во иднина ќе бидеме подобри и подобри. Имаме екипа која е спој на младост и искуство, а целта оваа сезона е секој играч индивидуално и целиот колектив од ден на ден да биде подобар и што е најважно да создадеме почва секој поединец да го даде својот максимум со секој противник, без разлика на квалитетот на истиот. Секако дека како клуб сакаме да играме во најелитното натпреварување, но како плод на квалитетна работа и напредок на сите во клубот, а за таа цел треба да бидеме конкурентни со сите екипи во лигата“, изјави Матлиески.

Првата лига започнува на 18/19 септември, а Голден Арт во првото коло ќе се сретне со Јуниор КВ.