Матлиески: Згуснатиот календар ќе отвори шанса за сите, секој мора да даде придонес

Составот на Пролет ги одработува последните денови од подготовките пред стартот на новата сезона, а тренерот Никола Матлиески вели дека е задоволен од она како се работеше.

Првиот натпревар е в петок, а Пролет гостува кај новиот суперлигаш, Јуниор Кисела вода. Ова ќе биде натпревар на кој Пролет ќе влезе како фаворит, но сосема извесно е дека ова ќе биде двобој кој ќе покаже што може да се очекува во новата сезона.

„Одработивме добри подготовки и мислам дека добро подготвени го дочекуваме стартот на сезоната. Во моментов сè е насочено кон првото коло и дуелот против Јуниор Кисела Вода. Тој натпревар ќе го даде патоказот за оваа сезона“, вели тренерот на Пролет, Никола Матлиески.

Составот претрпе одредени измени, а притоа заминаа тројца, а дојдоа исто толку нови ракометари така што не се загуби во овој дел.

„Имаме промени во однос на минатата сезона. Си заминаа неколку ракометари кои беа многу важни за нас. Ќе го немаме Поповски, Мујиќ и столбот на одбраната Стефан Стојановски. Сепак, успеавме да донесеме засилувања. Добивме многуискуство и во одбрана и во напад со доаѓањето на Дејан Пецаковски. Покрај тоа во тимот сега го имаме најефикасниот играч од минатата сезона и еден од најдобрите на позицијата левокрило во Супер лигата, Давор Палевски. И на десно крило добивме со Мартин Димов така што сега сме добро покриени на секоја позиција“.

Инаку, новиот календар за одигрување на натпреварите налага потреба за многу напор. Секоја недела ќе има по две средби во кратко време така што секој тренер ќе биде на голем предизвик.

„Распоредот на играње на натпреварите секој петок и понеделник ми налага како тренер да ги користам сите ракометари. Ќе мора секој играч кој е во ротација да го даде својот максимум и мораме да ги искористиме сите капацитети. Нема да има можност за многу одморање туку напротив ќе мора да се игра постојано, па затоа очекувам многу од сите. Верувам дека Џонов и Аларов ќе успеа да се истакнат далеку повеќе, Гичев, Давитковски, Василевски… да дадат голем придонес за тимот и да го извлечеме максимумот. Секако на голот го имаме искусниот Петар Ангелов кој ќе ни биде од големо значење со своето искуство и во новата сезона. Неговите одбрани секогаш ќе даваат еден дополнителен елан“, рече Матлиески за 24 Ракомет.

Пролет минатата сезона имаше обезбедено плеј-оф на неколку кола до крајот од регуларниот дел. И во оваа сезона важи за еден од кандидатите за плеј-оф и се очекува да ја оправда оваа улога.