Мартин Велковски успешно опериран, се враќа за следната сезона

Членот на Еурофарм Пелистер, Мартин Велковски успешно беше опериран по тешката повреда на коленото (луксација на чашката) на тренинг на крајот од февруари.

Според планот, по рехабилитацијата, Велковски треба да се врати на теренот на почетокот од следната сезона.

Тој ги пропушти најважните битки во Лигата на Европа за битолскиот клуб, а исто така нема да настапи ниту на дербито со Вардар што ќе решава за титулата во Македонија, па стратегот Жељко Бабиќ, комбинира со Мараш и Радовиќ на десната бековска позиција.

Десниот бек исто така не беше на располагање на националниот тим во баражот за Светското првенство, но би требало да се врати во квалификациите за ЕП 2024 што ќе стартуваат во октомври.