Македонците Митрова и Арсоски успешни во двојните улоги на Малта

Поранешната македонска репрезентативка Драгица Митрова, која се уште е активна на ракометните терени, освои уште еден трофеј во кариерата, но како тренер.

Таа е дел од стручниот штаб на кадетскиот тим на Феникс, кој на завршниот турнир во финалето го победи составот на Кавалиери со 18-13.

Митрова, исто така е активна и како играч во првиот тим на Феникс, кој веќе ја започна финалната серија за титулата и славеше во првиот меч.

Феникс го победи Кавалиери со 30-19, а левото крило од Гевгелија беше стрелец на пет гола и заработи две исклучувања.

Некогашниот ракометар на Струга, Перо Арсоски, исто така има двојна улога на Малта. Со женскиот тим на Ла Сале, каде што е тренер стигна до полуфиналето на плеј-офот, но беше елиминиран од Кавалиери.

Како играч, со неговиот Ла Сале триумфираше на последното гостување кај Хамрун со 28-24, а стружанецот постигна пет погодоци и заработи едно исклучување.