Македонска репрезентативка ја засили Наиса пред дуелите со Чаир

Екипата на Наиса која е противник на составот на Чаир во Европскиот куп се засили со ракометарка од Македонија пред овие дуели. На списокот на пријавени ракометарки за настап во Европа се најде и Ивана Гакидова, па со ова таа и се придружи на Симона Стојановска која веќе трета сезона настапува за тимот од Ниш.

Гакидова игра на позицијата пивот и е репрезентативка на Македонија. Таа дојде во Наиса од Франција каде што играше за тимот на Сен Маур. Во последната сезона пред паузата имаше добри игри, но сега доаѓа поблизу до дома и во добро поната средина.

Со Гакидова тимот од Ниш добива на квалитет на пивотменската позиција така што младиот состав на Наиса има трета интернационалка бидејќи покрај Стојановска има и една Црногорка.

Својата интернационална кариера Ивана Гакидова ја почна во 2015 година кога од Вардар замина во Баник Мост, а пред да игра за Вардар беше дел и од тимот на Металург.

Наиса ќе игра против Чаир на средината од октомври. Првиот натпревар треба да се одигра на 10 или 11 октомври во Скопје, додека реваншот е веќе закажан за 17 октомври во Ниш со почеток во 18:30 часот.