Македонките во ЛШ стартуваа со пораз

Денес стартуваше новата сезона во женската Лига на шампиони, во која Македонија  има три претставници во името на Леонида Гичевска, Андреа Седлоска и Сања Дабевска, кои настапуваат за хрватскиот шампион Локомотива Загреб.

Хрватскиот шампион во Загреб беше домаќин на Рапид Букурешт од Романија и дуелот од групата Б го доби романскиот тим, кој без многу проблеми забележа триумф од 31:27 (16:12). Во текот на целиот натпревар Рапид Букурешт беше во водство, а избраничките на Ненад Шоштариќ никако не можеа да се вратат во игра и да го покажат својот потенцијал.

Сања Дабевска и Леонида Гичевска во дуелот со Рапид Букурешт постигнаа по еден гол од три обиди, додека Андреа Седлоска не успеа да се запише во листата на стрелци.

Во групата во која се наоѓа и Локомотива Загреб, црногорскиот шампион Будуќност славеше убедлива победа на гостувањето во Турција кај Кастамону со 40:27 (20:13). Ракометарките на Бојана Поповиќ уште во првите 30 минути ја обезбедија победата, додека во вториот дел имаа целосна резултатска контрола и не дозволија да има никаков пресврт.

Будуќност во убедливата победа беше предводен од Милена Раичевиќ со 13 и Матеа Плетикосиќ со осум гола. Одлична меѓу стативите на Будуќност беше и голманката од Франција, Армел Антигре, која натпреварот го заврши со 13 интервенции. Во екипата на Кастамону најефикасна беше Катарина Јежиќ со осум погодоци.

Утре од групата Б свој дуел ќе имаат финалистите од минатиот Ф4 турнир во Будимпешта, Ѓер и Есбјерг, а дерби ќе се игра и во Франција каде Мец ќе го пречека дебитантот од Шведска, Сторхамар.

Екипата на ФТЦ Будимпешта во рамки од групата А триумфираше на домашен терен против незгодниот состав на Оденсе со четири гола разлика, 27:23 (12:12). Унгарскиот тим во победата против екипата од Данска беше предводен од Емили Болк, Ангела Малештајн и Катрин Клујбер, кои постигнаа по седум гола. Екс ракометарките на Вардар, Андреа Лекиќ и Драгана Цвијиќ со три, односно еден гол, имаа свој придонес во денешната победа против Оденсе. Во составот на Оденсе прв стрелец беше Миа Реј со седум гола.

Актуелниот европски шампион Вајперс Кристијансад оствари убедлива победа над Брест Бретањ, со резултат 31:24 (18:13). Норвешкиот шампион одигра одлични 60 минути, во кои ја покажа својата доминација.

Дуелите меѓу екипите на Бањик Мост и Битигхајм и ЧСМ Букурешт со Крим Меркатор од групата А ќе се одиграат во текот на утрешниот ден.