Македонија со голема негатива во првиот дел со Украина

Репрезентацијата на Македонија губи на полувреме во првиот бараж натпревар против Украина со шест гола разлика, 14:8.

Украина одлично играше во првите 30 минути, го отвори дуелот со водство од 3:0 и до крајот на првото полувреме ја диктираше играта на теренот. Македонија првиот гол го постигна преку Ристовска, која намали на 4:1, потоа Гичевска реализираше за 4:2.

По краткиот налет на Македонија, избраничките на Андронов направија серија од 5:0 зголемувајќи на 9:2 во 12-та минута. Технички грешки, лошата реализација и промашените зицери беа причина за резултатската негатива на македонската репрезентација.

Украина сериозно делуваше со одличната игра во двата правци на теренот, а тоа резултираше со постојано одржување на резултатската предност, па така во 20-та минута Украина ги имаше дотогаш највисоките седум гола позитива, 11:4.

Иако гостинките во последните десет минути имаа 13:5, за момент дојде до консолидирање во редовите на ,,црвено-жолтите” кои со серија од 3:0 намалија на 13:8. До крајот на првиот дел, двете репрезентации постигнаа по уште еден гол, така што Украина на пауза замина со предност од 14:8.

Во првото полувреме најефикасна беше Сара Ристовска со три погодоци, два постигна Моника Јанеска, додека по еден запишаа Бојана Диневска, Јована Саздовска и Леонида Гичевска.