Македонија се врати од мртвите, но на крај загуби од Украина

Женската репрезентација на Македонија на првиот бараж дуел за пласман на СП 2023 беше поразена од Украина со 24:22. Ракометарките на Македонија иако одиграа лошо во првото полувреме, сепак, во вториот дел се вратија во игра и се изборија за минимален пораз.

Украина одлично играше во првите 30 минути, го отвори дуелот со водство од 3:0 и до крајот на првото полувреме ја диктираше играта на теренот. Македонија првиот гол го постигна преку Ристовска, која намали на 4:1, потоа Гичевска реализираше за 4:2.

По краткиот налет на Македонија, избраничките на Андронов направија серија од 5:0 зголемувајќи на 9:2 во 12-та минута. Технички грешки, безидејноста во нападот и промашените зицери беа причина за резултатската негатива на македонската репрезентација.

Гостинската селекција сериозно делуваше со одличната игра во двата правци на теренот, а тоа резултираше со постојано одржување на резултатската предност, па така во 20-та минута Украина ги имаше дотогаш највисоките седум гола позитива, 11:4.

Иако гостинките во последните десет минути имаа 13:5, за момент дојде до консолидирање во редовите на ,,црвено-жолтите” кои со серија од 3:0 намалија на 13:8. До крајот на првиот дел, двете репрезентации постигнаа по уште еден гол, така што Украина на пауза замина со предност од 14:8.

Македонија продолжението го стартуваше со серија од 3:0, погодија Саздовска, Ѓорѓиевска и Ристовска и нашата репрезентација успеа да намали на 14:11. Украина откако направи три технички грешки на стартот на вториот дел, кој го започна многу лошо, првиот гол го постигна во 37-та минута за зголемување на предноста на четири гола позитива, 15:11.

Избраничките на Савевски целосно ги искористија грешките на гостинскиот табор, намалија на 15:13 и имаа напад за минус еден, но искусната Јанеска ја погоди голманката Гладун. Откако Украина поведе со 16:13, Македонија повторно влезе во брзина и во 42-та минута ја анулира негативата израмнувајќи на 16:16.

По фуриозниот налет на Македонија, следуваше сериоја од 3:0 на Украина, која излезе од кризата и во рок од три минути, односно во 45-та минута зголеми на 19:16. Гостинките во финишот влегоа со предност од 21:19, но Саздовска во 53-та минута ја врати неизвесноста и погоди за минус еден, 21:20.

На шест минути пред крајот црвен картон заработи Сара Ристовска. Ракометарката на ЦСКА Москва од пенал ја погоди противничката голманка во глава, по што судиите решија да и доделат црвен картон. Во последните пет минути секој напад беше одлучувачки, бидејќи водството на Украина беше само гол позитива, 22:21. Во овие моменти Македонија имаше две исклучени ракометарки, тоа беше искористено од страна на Украина која подобро се снајде во клучните моменти и се израдува на минимален триумф.

Најефикасна во Македонија беше Сара Ристовска со осум погодици, три реализации имаа Моника Јанеска и Јована Саздовска, двапати во листата на стрелци се запишаа Ивана Гакидова, Елена Ѓорѓиевска и Бојана Коцева, додека Бојана Диневска и Леонида Гичевска погодија еднаш во голот на гостинската репрезентација.

Поради конфликтот во Украина, реваншот ќе се одигра во Унгарија, поточно во градот Кишварда на 11 април од 17:00 часот.