Македонија немаше сили за 60 минути, го загуби финишот и дуелот против Холандија

Репрезентативките на Македонија во младинска конкуренција немаа сили за 60 минути во ист ритам против Холандија и претрпеа пораз од 25:29 со што го доведоа во прашање пласманот во полуфиналето на ЕХФ шампионатот. Иако водеа речиси 50 минути во завршницата противникот стигна до пресврт и до убедлив триумф.

Од почетокот на натпреварот репрезентацијата на Македонија наметна свое темпо. Одбраната функционираше одлично и девојките се бореа за секоја топка. Тоа даваше резултат бидејќи многу брзо беше создадена предност од три гола кои беа дело на Ана Марија Коларовска.

Македонија водеше со 3:0 во 4. минута, а потоа предноста стигна и до плус шест. Во 12. минута водството беше 8:2.

Овие шест гола позитива како да беа причина за мало опуштање пред сè во играта во одбраната што беше причина за намалување на предноста. Селекцијата на Холандија успеа да намали. Десет минути подоцна беше 10:8, но тука веќе имаше и менување во составот во обид да се одморат дел од ракометарките што влијаеше и на резултатот.

Во последните минути од првото полувреме веќе го немаше ритамот со кој стартуваше средбата, па тоа придонесе за на одмор Македонија да замине со 14:12.

Почетокот на второто полувреме донесе контрола на резултатот за Македонија, но не и зголемување на предноста. Водството остана од два гола и само на моменти беше плус три. Се забележуваше веќе и замор и беше тешкода се одигра на ист начин како на стартот од средбата.

Ова беа минути во кои мораше да има борба за секоја топка. Секој напад беше важен и мораше за секоја топка да се работи на максимум. И покрај тоа во 46. минута Холандија првпат дојде до израмнување. Резултатот беше 20:20, но брзо следуваше враќање на предноста откако Миновска од пенал донесе 21:20. Во овој период имаше и одбрана на зицер на Јовановска и една пречка, но шансите за зголемување на водството не беа искористени, па Холандија одново израмни.

Во 49. минута Македонија првпат беше во негатива. Холандија преку контранапад дојде до 22:21. Ова водство се чуваше без проблеми, а откако Коларовска во 51. минута доби трето исклучување играта отиде во еден сосема поинаков правец. На неполни седум минути до крај Македонија имаше негатива од 23:26, а после промашениот пенал на Седлоска и од четири гола, 23:27.

Веќе немаше ниту време за поправен, а немаше ниту спортска среќа, па Холандија лесно го приврши натпреварот и дојде до победа со што утре ќе се бори за првото место во групата против Фарските острови. За Македонија, пак останува само математиката за евентуално од второто место да се влезе во полуфиналето.

Коларовска беше најефикасна во Македонија со седум гола, додека Јанкуловска и Миновска постигнаа по шест. Во Холандија, Катарина Моленар реализираше деветпати.